За авторката
Родена сум во Скопје, во 70-тите години на минатиот век и учев и растев во скопските урбани населби. Од тоа време најмногу научив „како не треба", секако, при многу обиди и грешки. Ретко знаев што сакам, но секогаш бев сигурна што не сакам, па така во мојата професионална биографија се мешаат дејности кои не секогаш се комплементарни, но имаат едно нешто заедничко - бараат креативност.
Младоста ја изразував преку поезија, која ме донесе до Млада Струга и малата конференциска сала на Струшките вечери на поезијата, а за време на пандемијата конечно најдов мир, тишина и вишок слободно време да ги завршам започнатите прозни дела. Малку се „навлеков" на пишување и чувството кога ликовите растат, се моделираат и созреваат низ празните страници.
Најголема поддршка ми е семејството, сопругот и двата сина со кои взаемно растеме, се воспитуваме, си помагаме и се бодриме.
Драги читатели,
Јас сум човек од крв и месо, лик со сомнителен опис, како оние од трилер романи, кои понекогаш изгледаат виновни дури и кога ги прават најморалните работи, а понекогаш можат да се извлечат со ситна насмевка од последиците при тешки кршења на правилата. Со текот на годините, времето како со гума ги има подизибришано дел од овие контури, па сега луѓето околу мене ме доживуваат како помудра и поемпатична, а всушност само одбирам повеќе да молчам, а повеќе да пишувам. Моето тело е подискривена става која под слабата светлина на светилката седи и пишува, додека во внатрешноста на станот се случуваат многу разнолки и сомнителни работи. Секогаш доцна откривам за „криминалните" дејствија на моите состанари, извршени под небудното око на мојот ум, кој преокупиран од книжевни проблематики не успева да пофати што сѐ се случува во реалноста, додека си игра со своите измислени ликови. Тоа не ме спречува да мислам дека јас сум таа што ги држи конците и дека светот ќе се распадне доколку утре доживеам фатален срцев удар. Јас сум средовечна жена или жена во најубавите години (според мислењето на многу стари или географски одалечени луѓе), со неизразени веѓи, со очи кои говорат многу повеќе кога се лути отколку кога се одморени, со усни кои најчесто служат за грицкање во време на донесување на важни и помалку важни одлуки, со карактеристичен нос што секогаш прави сенка на мал дел од лицето во зависнот од која страна паѓаат сончевите зраци и со мали уши, доволни на нив се закачат обетки во случај на специјална пригода. Но, без разлика како изгледам или како ме доживувате, јас сум виновна по сите основи на обвинението. При чиста свест и здрав разум седнав да пишувам книги и да ги издавам во печат преку издавачката куќа Сакам книги. Секогаш ќе им бидам благодарна за укажаната чест и доверба и се надевам дека долго ќе се дружиме.
Виновна сум по сите основи, а пред сѐ „по основ на залудно изгубено време", по основ на, „уште еден пропаднат, а никогаш неиздигнат македонски автор", по основ на, „ме стави во мисла, а баш ми беше убаво секојдневјето", по основ на, „толку глупости се немам изначитано од времето кога немав фатено книга во рака", а највеќе по основ на „ремет, малтретирање и одземање на сопствените мисли и време со непозната цел". Постојат и читатели кои уживале во вртењето на страниците, па јавно или скришум ќе ме пофалат, а јас ќе се израдувам како мало дете кое добило петка на рака и внимава што подолго да не се избрише. И двете групи имаат големо влијание во мојот раст и развој како автор.
Кога пишувам најтешко ми е да се изненадам себе си, но понекогаш кога ми успева тоа е своевидна катарза. Кога читам најтешко ми е да не мислам како јас би напишала и што би сменила. Се радувам кога ќе налетам на книги што го бришат овој дел од мене, ме понесуваат и ме вшмукуваат во дејството. Секако пишувањето и читањето одат заедно, па понекогаш кога ги препрочитувам своите дела (знаете онаа прва верзија, втора верзија, финална, финална верзија...) знам да си кажам „бре ама добро си го срочила ова". Во текот на пишувањето најголем проблем ми е да најдам време. Додека пишувам знам да се исклучам од сѐ околу мене и да заборавам да направам ручек, да измијам садови, да се јавам на блиските, заборавам дека имам сопруг, деца... За среќа, тие се секогаш тука да ме потсетат.
Немам омилен автор и немам омилена книга. Тоа е како на песочна плажа да одберам едно зрно песок, а јас сакам различни плажи, и различни автори и дела. Мојот ум никогаш не се ограничил на ништо во надеж дека следното ќе биде уште подобро. И за чудо, секогаш, има подобро. Светот е голем, а авторите сериозно си ја сфаќаат работата (а и плажите не се зезаат). Љубам да патувам. Тогаш некоја чакра во мене се отвора и брза сѐ да впие, секој мирис, секој звук, секоја скриена насмевка... а душата ми се полни со мир, љубов и разбирање за тоа колку е светот голем, а сепак толку мал, колку една судбина што ја делиме со некоја непозната личност од другата страна на земјината топка.
Сѐ што сакам е светот да продолжи да се врти, после секоја плима да дојде осека, утрата да ми бидат тивки и мирни, а децата да пораснат во здрави, самостојни единки без потреба од психијатар поради наметнати родителски трауми. Иднината ја гледам како американска свадба, нешто бело (чисто, како навремено испрана машина), нешто позајмено (како алатки што ти притребуваат еднаш во животот), нешто старо (како предметите од кои тешко се раздвојувам), нешто ново (како чевли во излог со сезонски попуст), сѐ тоа исполнето со малку драма, а многу емоции. Им благодарам на сите мои читатели што одвоија време да ги прочитаат моите книги и како математички ум, секогаш, се надевам дека процентот на тие што им се допаднале е поголем од оние на кои не им се допаднале, а среќна сум додека не паднеме под четврт, сѐ под тоа те остава гладен.
Искрено ваша,
Саша Богдан